Конгрес за доверба на СДСМ

Социјалдемократскиот Сојуз денеска ќе одржи конгрес на кој ќе бидат разгледани резултатите што ги постигна партијата на последните парламентарни и претседателски избори, а се очекува да стане збор и за идните насоки по кои ќе се движи партијата. Се очекува делегатите да се изјаснат дали ќе бараат смена на актуелното раководство или пак ќе му ја укажат потребната доверба. Делегатискиот состав што ќе одлучува по прашањето за доверба е избран во 2011 година и брои 727 членови. Токму овој состав на делегатите лани на 2 јуни го избра Заев за нов лидер на СДСМ со 395 гласови за и 137 гласови за противкандидатот Зоран Јовановски.
На денешниот отчетен конгрес, одлуката за доверба на досегашното раководство треба да ја донесат мнозинството од присутните делегати, под услов тоа мнозинство да не е помало од една третина од вкупниот број делегати.