Тирана ги укинува работните дозволи за Албанци од Косово

Албанската Влада донесе одлука Албанците од Косово и од Прешевската Долина да не мора да бараат работна дозвола. Според весникот Шекули, веста ја соопштил албанскиот министер за социјала Ерјон Вељиај, кој нагласил дека сега секој жители на Косово и Прешевската Долина ќе може да се вработи во Албанија без потреба да набавува работна дозвола.

„Го либерализиравме пазарот на труд со Косово, а денес ги укинуваме и бирократските пречки“, изјави тој.

Албанскиот премиер Еди Рама претходно вети дека за Косово ќе бидат надминати пречките за формирање заеднички пазар, па и на труд, заеднички царински терминали, унификација на санитарни потврди на Албанија и Косово, како и формирање национален економски совет на Албанија и Косово, објави Шекули.