ГРОМ: изборите фер, демократски и достоинствени

Претседателот на Граѓанска опција за Македонија и лидер на коалицијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски вечерва на прес-конференција ги оцени како фер, демократски и достоинствени денешните предвремени парламентарни избори.

Тој информира дека ГРОМ, според досега обработените помалку од 30 проценти од гласовите, се бори за пратеник во изборните единици 1, 2 и 4.

„Во овие изборни единици, не само што е задржан бројот на гласови од првиот круг на претседателските избори, туку некаде е и драстично зголемен. Според тоа, за околу два часа ќе знаеме дали по овие избори ГРОМ ќе има три пратеника во новиот парламентарен состав на Република Македонија“, посочи Јакимовски.