Специјална седница на украинскиот парламент

Украинскиот парламент денеска ќе одржи специјална седница чија цел е смирување на двомесечните немири. Во пресрет на седницата, претседателот Виктор Јанукович се сретна со тројца опозициски лидери и се согласи да ги повлече контроверзните антипротестни закони, донесени од парламентот на 16 јануари.
Во телевизиско обраќање, министерката за правда Олена Лукаш изјави дека контроверзната легислатива ќе биде разгледувана во парламентот денеска. Таа додаде дека законодавците ќе разговараат и за прашањето на „одговорноста“ на владата.
Лукаш истакна дека еден од лидерите на опозицијата Арсениј Јаценјук формално го одби предлогот на Јанукович да ја преземе должноста премиер.
Опозициската партија Батковшчина ги повика поддржувачите да го напуштат Плоштадот на независноста во Киев за време на заседавањето на парламентот.