Иванов очекува поддршката од САД пред самитот на НАТО

претседател Ѓорге Иванов

Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската унија и очекува американска поддршка и ангажман пред следниот НАТО самит во Британија. Ова го истакнал македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешната средба во Скопје со заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД Хојт Брајан Ји. Во врска на разговорите околу прашањето за името, претседателот Иванов укажал дека јужниот сосед продолжува со неодговорно однесување, избегнување на контакти и непочитување на рамката на разговорите. „Затоа очекуваме од нашите сојузници, пред се од САД, во име на поширокиот интерес да побараат разумно однесување од страна на Грција“, оценил претседателот Иванов на средбата со Хојт Брајан Ји на која бил потврден интересот на Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и продлабочување на севкупната билатералната соработка.