Техеран нема да се откаже од збогатување ураниум

Иранскиот заменик министер за надворешни работи Абас Арачи изјави дека Техеран е подготвен да разговара за ограничувањата за збогатување на ураниум, но дека нема да го суспендира процесот целосно. Арачи во интервју за државната телевизија изјави дека "рамката, нивото, износот, формата и местото на збогатување се отворени за преговори." Тој додаде дека Техеран ќе преговара ако Западот го признае "правото на збогатување". Неговите коментари следуваат откако ирански официјални лица одржаа разговори со претставници на големите сили минатата недела околу рамката за преговорите за нуклеарната програма закажани за Женева на 15 и 16 октомври. Западните земји сакаат Иран да го суспендира збогатувањето на ураниум надвор од нивото потребно за гориво во нуклеарните централи и да ги затвори своите подземни објекти за збогатување. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е наменета за мирољубиви цели, а не за да се изгради атомска бомба.