Заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија

Премиерот Никола Груевски.

Почна заедничката седница на македонската и бугарската Влада во бугарскиот пограничен град Ќустендил. На средбата од македонска страна, покрај премиерот Никола Груевски, присуствуваат и вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, за транспорт и врски Миле Јанакиески и за земјоделство - Љупчо Димовски. Од бугарска страна делегацијата ја предводи бугарскиот премиер Пламен Орешарски, кој е придружуван од вицепремиерката Зинаида Златанова, министерот за транспорт, информатички технологии и врски Данаил Папазов и министерот за земјоделство и храна Димитар Греков.

Станува збор за неформална заедничка мини владина седница на владите на Македонија и на Бугарија која е во функција на продлабочување на меѓусебните релации и унапредување и развој на добрососедските односи.

Предвидена е тет-а-тет средба на премиерите Груевски и Орешарски, поединечни и заеднички средби на министрите и пленарна седница.

На средбите ќе се разговара за повеќе прашања, како што се евроатлантските интеграции, економијата, енергетиката, можноста за инфраструктурни проекти и за теми од областа на земјоделството и други прашања кои се од заемен интерес на двете држави.

Оваа неформална заедничка мини седница на владите на Македонија и на Бугарија е подготовка за официјалната заедничка меѓувладина седница која треба да се одржи до крајот на годинава.

Македонија на почетокот од јуни одржа заедничка владина седница со Владата на Србија, а иницијатива за вакви заеднички седници од македонска страна се упатени и до властите во Албанија и во Косово. Целта на овој вид на средби е давање дополнителен импулс за унапредување на односите со државите во регионот.

На плоштадот пред зградата на општина Ќустендил, во која се случува средбата, протест одржува мала група од 10-тина припадници на партијата ВМРО на Красимир Каракачанов кои имаат истакнато антимакедонски пароли, јавува МИА.