Зоран Заев - нов претседател на СДСМ

Архивска фотографија: Зоран Заев на предизборен митинг во Струмица.

Зоран Заев, досегашниот потпретседател на СДСМ и градоначалник на Струмица, е новиот претседател на опозицискиот СДСМ. На денешниот 14. Конгрес на партијата за него гласале 395 делегати, пренесува МИА.

Кандидати за претседател на партијата беа и Зоран Јовановски и Кире Наумов. Заев во образложението на својата кандидатура на Конгресот порача дека е дојдено време на промени.

Досегашниот претседател Бранко Црвенковски не ја прифати кандидатурата од Иницијативниот одбор кој поднесе околу 30.000 потписи. Во обраќањето на почетокот на Конгресот посочи дека на партијата и треба нова сила и дека неговото повторно кандидирање ќе биде грешка. Рече дека ги прифаќа сите порази. Од новото раководство побара единство и поголема ефикасност.

СДСМ е формирана на 21 април 1991 година. Во изминатите години претседател на партијата со најдолг стаж е Бранко Црвенковски. Претседатели на партијата беа и Владо Бучковски и Радмила Шекеринска.