Ивановски се откажа од трката за претседател на СДСМ

Игор Ивановски.

Игор Ивановски во пресрет на утрешниот 14 Редовен Конгрес се откажа од кандидатурата за претседател на опозициската СДСМ.

„Тргнувајќи од моите принципи дека личните амбиции се додадена вредност само ако се темелат на искрени заложби за тимска и заедничка работа, загрижен за стравувањата на членството од нови поделби кои ќе го ослабат СДСМ, а водејќи се од своите чесни и искрени намери и чувствувајќи ја одговорноста за идните успеси на партијата, Ве известувам дека ја повлекувам кандидатурата за Претседател на СДСМ“, се вели во писменото известување од Ивановски за повлекување на кандидатурата за претседател.

Ивановски во својот допис искажува надеж дека неговиот потег ќе придонесе „останатите кандидати целосно и конкретно да ја сфатат исклучителната важност на единството во партијата, како основен предуслов за стабилен и победнички СДСМ“.

Претходно, премиерот Никола Груевски изјави дека е повеќе од јасно дека кој и да победи на утрешниот конгрес на СДСМ повторно Бранко Црвенковски од позадина ќе ја раководи партијата.

„Се гледа дека тие повеќе во овој период се борат за милоста на Црвенковски отколку за што било друго“, рече Груевски кој беше во обиколка на изградбата на делницата Демир Капија - Смоквица, дел од Коридорот 10.

Главната борба, потенцира премиерот, е кого ќе го поддржи Бранко Црвенковски не само на конгресот, туку и после конгресот, односно кој ќе биде негов параван.

Опозициската СДСМ утре ќе одржи 14. редовен конгрес на кој треба да биде избран претседател, Централен и Надзорен одбор на партијата. Во трката за лидер остануваат Зоран Заев, Зоран Јовановски и Кире Наумов.