Екстерното тестирање стартува утре и покрај најавата за нов протест

Во основните и средните училишта низ Македонија од утре до 8 јуни ќе се спроведува првото екстерно оценување во државава, чија цел е да се провери колку наставниците се објективни во вреднувањето на знаењата на учениците. Околу 200.000 основци и средношколци електронски ќе одговораат на тестови по два предмета, а опфатени се 15.000 наставници. Ученици во еден клас или одделение може да бидат тестирани по различни предмети. Изземени од електронско тестирање се матурантите зашто ќе полaгаат државна матура (на 8-ми и на 11 јуни) и учениците од прво, второ и трето одделение кои се оценуваат описно. Оценките кои ученикот ќе ги добие по двата предмета од екстерното тестирање ќе бидат впишани во свидетелството и ќе влијаат на неговиот вкупен успех.
На социјалните мрежи е објавено видео на ученици кои повикуваат во понеделник на масовен протест поради тестирањето.