Најголем интерес за интервјуто со министерката Јанкулоска

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Гордана Јанкулоска

Интервјуто со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во кое таа тврди дека нема ништо спорно на изборите да гласаат и Македонците од Пустец, или како што таа вели, од дијаспората, кои имаат македонско државјаноство е најкоментиран текст на нашата интернет страна.
Изборите, било локални, било парламентарни, се чини, се наша судбина. Нема, нема, па ќе се спровнат некаде околу нас. Особено ако соговорник во редовното ТВ интервју на Радио Слободна Европа е министер, во нашиов случај, министерка за внатрешни работи и, особено, ако на последните локални имаше разно-разни случувања. И шанса колешката Тумановска да постави некои прашања кои не добија одговор кога требаше, а и сега, според реакциите на посетителите на нашата веб страница. Пустец, на пример, и гласачите оттаму доведени со задача токму во општина Центар.

Какво извртување на тези! Тие што гласаа во Кичево имаат легални адреси на живеење во таа оптина во република Македонија. Имаат државјанства бидејќи се или родени на територијата на Македонија, или извесен период биле жители во Македонија. На која основа жителите од Пустец добиле жителство во Македонија, кога ниту се родени тука, ниту некогаш имале адреса на живеење тука?
Коментар од читател.

Премиерот Никола Груевски ги посети Македонци кои живеат во Голо Брдо, Албанија на 15 октомври 2011.

На Марјан Стаменковски од Скопје, се чини, сè му е преку глава зашто пишува дека очекувал сè само не валкан капитализам без правила, без старт, постои само финишот, вели, два метра подолу, каде што сите одат. Сашо од ЕУ ѝ забележува на нашата новинарка зошто Јанкулоска не била прашана за мистериозната смрт на Никола Младенов, а Горан од Куманово измислил нова кратенка, СДС - Странски Душмански Слуги, на кои им се обраќа заедно со таканаречените соросоиди, за кои се чуди зошто според нив Македонците од дијаспората, како што пишува, не можеле да добијат државјанство, а и ако добиеле, не би можеле да гласаат.

Спротивно, Дарко од Прилеп смета дека Македонци кои живеат во странство подолго време не би требало да учествуваат во одлуката на локалните граѓани кои се соочуваат со своите секојдневни проблеми, а Никола од Скопје смета дека одговорите на Јанкулоска има извртување на тези: тие што гласаа во Кичево, вели, имаат легални адреси на живеење во таа општина, имаат државјанства бидејќи се родени или извесен период се жители на Република Македонија. На која основа жителите на Пустец добиле жителство во земјава кога ниту се родени, ниту некогаш имале овдешна адреса на живеење, прашува Никола и изразува надеж дека Јанкулоска еден ден ќе одговара кривично за местење избори.

Перо, исто така од Скопје, го дели мислењето дека Албанците гласачи се родени во Македонија, во кичевско, па имаат право да гласаат, за разлика од оние кои се родени во Пустец и во друга држава. Контра одговор би бил Бериша да почне да издава пасоши на неговото малцинство, како што пишува, во Македонија. Дод прашува зошто гласачите од Пустец не беа однесени да гласаат во Кичево и Струга, наместо во Ресен и во Центар. Е тоа е лицемерие и „патриотизам“ - извикува на крајот Дод.