Иванов - Македонскиот модел на мултикултурализам е за пример

Во денешно време кога моделот на мултикултурализам во Европа не функционира поради односот кон муслиманите, Македонија покажува дека во неа муслиманите и христијаните од секогаш живееле заедно без никакви предрасуди и стравови. Македонија е земја која може да се пофали со нејзиниот специфичен однос кон различитоста. Ова го истакна претседателот Ѓорге Иванов во своето предавање на Универзитетот „Мекмастер“ во Хамилтон, Канада, на тема „Мултикултурализам, мултиетницизам и успехот на македонскиот модел“.

Предавањето на претседателот Иванов се одржа на првиот ден од неговата неколкудневна посета на Канада, за време на која се предвидени повеќе средби со претставници на канадскиот политички врв, научната заедница, како и со претставници на организации на македонската заедница.

Во Отава, претседателот на Република Македонија, како што соопшти неговиот кабинет, ќе оствари средба со спикерот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, Ендру Шир и средба со спикерот на Сенатот, Ноел Кинсела.