Прегласување во Центар и Струга

Управниот суд денеска ќе одлучува по 60 тужби поднесени од СДСМ против одлуките на Државната изборна комисија, најмногу за Скопје, Бутел, Берово, Карбинци, Велес и Ѓорче Петров. Вчера Судот прифати 32 тужби на ВМРО-ДПМНЕ, по што ќе се оддржи прегласување во неколку избирачки места во скопската општина Центар и Струга. Во Центар ќе има прегласување во најмалку 16 избирачки места, во кои се запишани над 4 илјади избирачи.
Андреј Жерновски од „Сојузот за иднината“ кој по вториот изборен круг во Центар победи изјави оваа одлука на Управниот суд е срамна за демократијата во Македонија и оти мотивот е проектот „Скопје 2014“.
Бројот на гласови од избирачките места на кои се однесуваа седумте тужби на ВМРО-ДПМНЕ кои ги прифати Управниот суд за Струга исто така влијаат на конечниот резултат. Во вториот круг во оваа општина победи Зијадин Села од ДПА, кој освои 5 илјади гласа повеќе од заедничкиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Владо Кочоски. Тој за Телма телевизија изјави дека од судот останало само зборот „управен“ и најави дека денеска ќе ја соопшти целосната реакција за одлуката.

Во меѓувреме потпретседателот на Државната изборна комисија Субхи Јакупи изјави дека е изненаден од одлуката на Управниот суд за прегласување во Центар и Струга, затоа што не верува дека имало толку нерегуларности во општината Центар. За 24 Вести тој тврди дека првичната одлука со која ДИК ги отфрли приговорите на ВМРО - ДПМНЕ во овие општини е донесена законито.