Бакрачески прогласи победа во Охрид

Предизборен митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

Кандидатот на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Никола Бакрачески објави победа за градоначалник на Охрид.

„Големата излезност на граѓаните каков што немало последните 20 години ја покажа желбата на Охрид за посветла иднина, желбата на охриѓани да имаат иднина во која ќе чекорат на здрави нозе, иднина што ќе означи отвоарање нов прозорец на можности и нова страница за генерациите кои доаѓаат“, изјави Бакрачески.

Според податоците од аналитичкиот центар на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, од обработените 70 отсто од гласовите од 73-те избирачки места во Охрид, Бакрачески веќе има потврдени околу 14.200 гласови, наспроти неговиот противкандидат, досегашниот градоначалник Александар Петрески кој ја добил довербата на 8.600 гласачи.

Во изборниот штаб на коалицијата „Сојуз за иднината“ не ги оспорија изборните резултати, но соопштија за, според нив, евидентирани низа неправилности во текот на изборниот процес. Тие информираа дека поседуваат фотографии и други докази за таквите тврдења, што ќе ги презентирааат во текот на утрешниот ден, најавувајќи дека ќе ги достават до надлежните институции.