ВМРО-ДПМНЕ: Изборите фер и демократски со значително мал број нарушувања

Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Денешните избори за градоначалници и советници поминаа во фер и демократска атмосфера, а забележани се значително помал број нерегуларности во однос на последните парламентарни избори во 2011 година, оценија вечерва од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие избори беа проследени од огромен број набљудувачи, како домашни така и странски, повеќе од 8.000 набљудувачи. Не беа забележани нарушувања на постапките при изведување на гласањето, но и овој дел кој што беше забележан е значително помал по број на избирачки места, односно избирачки единици каде има забележано неправилности во споредба со последните парламентарни избори“, изјави директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски по затворањето на избирачките места.

Тој повика општинските изборни комисии, Државната изборна комисија и сите надлежни институции во секој од случаите кој што оваа вечер или утре ќе биде евидентиран или докажан како нерегуларен, да ги проверат постапките и да донесат заклучок.