Уапсени две ќерки на иранскиот опозициски лидер Мир Хосеин Мусави

Иранскиот опозициски лидер Мир Хосеин Мусави.

Иранските власти уапсиле две ќерки на водечкиот опозициски лидер и поранешен претседателски кандидат Мир Хосеин Мусави. Портпаролот на Мусави од Париз рече дека безбедносните сили денеска упаднале во домот на Наргес и Захра Мусави во Техеран и ги уапсиле, но оти сè уште не се знае каде се одведени. Мусави и другиот реформист Мехди Каруби му беа противкандидати на претседателот Махмуд Ахмадинеџад на претседателските избори во 2009 на кои тој го доби вториот претседателски мандат. Мусави и Каруби тврдеа дека изборите се фалсификувани. Тие беа уапсени на почетокот на 2011 година, откако ги повикаа нивните поддржувачи на протест во знак на поддршка на Арапската пролет во Тунис и во Египет. Од тогаш се во домашен притвор.