Груевски - Ќе одиме на локални избори

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на локални избори, оти тоа е и законска обврска. Изборите ќе бидат слободни, фер и демократски, а подготвени сме и на засилен мониторинг, бидејќи имаме чиста намера, идеја, и сакаме да овозможиме најдобрите според граѓаните да победат, изјави денеска премиерот Никола Груевски. Тој рече дека државата е подготвена на засилен мониторинг од меѓународните набљудувачи. Според Груевски, избирачкиот список е веќе пречистен, но оти се подотвени доколку дојде нова идеја во врска со изборните списоци дополнително да се пречистуваат.

На обвинувањата на СДСМ дека оваа влада веќе нема легитимитет да владее, Груевски рече дека легитимитет дава народот на избори.

„ВМРО-ДПМНЕ победи три пати на парламентарните избори организирани во изминатите шест години, а секој обид од страна на СДСМ да се покаже нелегитимна оваа власт е само обид за манипулација со граѓаните, кој нема да им успее“, изјави премиерот Никола Груевски, по пуштањето во употреба на спортска сала во Средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во општина Бутел.