Дневен печат - Барањата на СДСМ и посетата на Нимиц

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на прес конференција во седиштето на партијата.

Медиумите анализираат за посетата на Метју Нимиц на Атина и Скопје, како и за барањата на СДСМ за парламентарни избори и привремена влада.
Освен тоа што сите медиуми го чекаат медијаторот Нимиц по Атина да дојде и во Скопје, топ тема се одлуките на Централниот одбор на СДСМ за учество на партијата на изборите.
СДСМ без Црвенковски, а тој продолжува со услови за да не оди на избори - Бране, да не имаш и некоја музичка желба?
Вечер.

„Црвенковски бара парламентарни избори и привремена влада“ и „Опозиционерите ги премотуваат старите сценарија; 2008, 2011, 2013 - веќе видено од СДСМ“, објавува Дневник.

Утрински вели: „Црвенковски: Без влада од доверба, не одиме на избори“, а дневниот Капитал насловува: „Црвенковски: Локални избори само заедно со парламентарни! А парламентарни само ако се фер!“
Црвенковски да бара со усул, Груевски да прифати со амин. Не смееме да бегаме од фактот дека Македонија е во сериозна и длабока политичка криза.
Нова Македонија.

Вечер си има информации дека меѓународната заедница работела на создавање нова левица во Македонија: „СДСМ без Црвенковски, а тој продолжува со услови за да не оди на избори - Бране, да не имаш и некоја музичка желба?“, гласи насловот во овој весник.

Нова Македонија покрај главната вест од состанокот на СДСМ, во наслов како да најавува можност од компромис: „Црвенковски да бара со усул, Груевски да прифати со амин“, за подолу да напише: „Не смееме да бегаме од фактот дека Македонија е во сериозна и длабока политичка криза...“ И малку како од околу, Утрински излегува со ваков наслов: „Ќе повлече ли нога ДУИ за реконструкција? ДУИ прва стави на тест двајца свои министри - Арифи и Бејта. Дали следни на ред се министри на ВМРО-ДПМНЕ?

„Во врска со овие најави, Ден насловува: „ДУИ го префрла европскиот костен кај ВМРО-ДПМНЕ - во партијата немаат ништо против евроинтеграциите да бидат во нивно владение“. И Ден уште наведува и три имиња со фотографии за можни наследници на Арифи: Блажевски, Даскаловски и Клековски.

Истиот весник насловува: „Бизнисот со бугарски пасоши застана на стаклени нозе по полицискиот претрес кај посредници од Струмица“, за понатаму да го пренесе пишувањето на бугарската агенција Стандард: „Апсења на нашите во Македонија“. Утрински во коментар прашува како тоа токму сега некому му текнало за работа која претходно со години се толерирала - се заоструваат односите со соседна Бугарија, смета весникот.

И во сета висока партиско-политичка политика, Дневник наоѓа место и за следнава вест: „Подобро од славина отколку од селска чешма - водата во градовите е чиста, но околу 4 до 5 отсто од анализите покажале физичко-хемиска, а околу 1 отсто микробиолошка неисправност. Во селата, околу 30 отсто од анализите покажуваат присуство на бактерии“.