Опозицијата протестираше пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протест на здружената опозиција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Неколку илјади граѓани денеска го поддржаа протестот на здружената опозиција предводена од СДСМ, кој се одржа пред штабот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На присутните им се обратија претставници на НСДП, ЛДП, ЛП, Достоинство и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски кој најави продолжување на граѓанската непослушност веќе од среда.
Членови и симпатизери на опозициските партии од „Сојузот за иднината“ денеска одржаа протестен собир пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје против, како што беше речено, уривањето на демократијата и прекршувањето на Уставот по случувањата во Собранието во понеделникот.
Од понеделникот целиот наш народ е ставен пред следниот избор - или ќе прифатиме да наведнеме глава или ќе се кренеме и ќе се бориме за нашата слобода и демократија.
Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ.

Најавија дека по новогодишните празници, односно од среда, од 18 до 19 часот, во Скопје и во сите останати градови ќе ги продолжат протестите и одржувањето на т.н. народни парламенти.

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски оцени дека од понеделникот наваму Македонија веќе не е ниту правна, ниту демократска држава.

„Од понеделникот целиот наш народ е ставен пред следниот избор - или ќе прифатиме да наведнеме глава или ќе се кренеме и ќе се бориме за нашата слобода и демократија. За нас во СДСМ и во Сојузот на иднината одлуката е веќе одамна донесена. Враќање назад нема“, рече Црвенковски.

На присутните им се обратија и претставнци на другите партии од Сојузот.

Денешниот протест на опозицијата пред седиштето на владејачката партија мина мирно и без инциденти.