Волерс: Исфрлањето на новинарите вознемирувачко

Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс.

Во една демократија нема место за насилни инциденти, какви што се случија во и околу Собранието на Македонија, вели американскиот амбасадор Пол Волерс во пишана изјава за последните случувања во и околу Собранието што го следеа донесувањето на буџетот на државата.

Потребна е храброст и зрел политички дијалог, вели Волерс, за да се адресираат политичките разлики и визија за да се погледне над теснопартиските интереси
и да се унапредат интересите на земјата. Тој вели дека бил длабоко вознемирен од политички водените конфронтации во изминатите денови.

„Тоа дека Собранието мора секогаш да биде место за мирни политички дискусии, е втемелено во самата основа на една силна и демократска нација. Исфрлањето на новинарите од зградата исто така беше вознемирувачко, бидејќи на тој начин беа спречени да ја извршуваат својата витална функција на информирање на јавноста за настаните. Можноста независните медиуми да ги покриваат политичките настани на избалансиран и отворен начин, како и правото на јавноста да биде информирана за фактичките настани, се суштествени во една зрела демократија“, вели Волерс.

Повикувајќи се на американското искуство, Волерс посочува оти демократијата може да биде и тешка.

„И покрај стотиците години искуство, ние во САД го гледаме токму тоа сега, како што нашите спротивставени политички партии се борат за да дојдат до договор околу нашиот национален буџет. Овде во Македонија, легитимно беа поставени важни прашања околу тоа дали процедурата беше запазена во Собранието при усвојувањето на буџетот. Овие прашања може и треба да бидат поставени и дискутирани во контекст на демократскиот процес“, наведува Волерс.