Буџетот на Грција за 2013 година денеска во Парламентот

Владата во Атина денеска ќе го достави во Парламентот буџетот на земјата за следната година. Се очекува буџетот да вклучува мерки за штедење во вредност од околу 9,5 милијарди евра од пакетот во износ од 13,5 милијарди евра, договорен меѓу Атина и „тројката“ кредитори - ЕУ, ЕЦБ и ММФ.
Во него ќе бидат намалени пензиите, бонусите и даночните олеснувања. Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарис изјави дека сите мерки од овој пакет ќе бидат внесени во Парламентот следната недела, со што ги демантираше информациите дека е можно спорните прашања меѓу Атина и „тројката“ да стигнат до законодавниот дом дури во март следната година.
Претставници на Европската комисија се резервирани дека макроекономската рамка, врз основа на која е подготвен буџетот (рецесија од 4,2 отсто), најверојатно ќе се покаже нереална.