Иванов повика да се почитува хашката пресуда

Средба на претседателот Ѓорге Иванов со Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун Њујорк, САД.26 септември 2012.

Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање на 67-то Генерално собрание на Обединетите нации повикa да се почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во врска со македонско-грчкиот спор за името, јавува Макфакс.

Својот повик претседателот Иванов го упати директно до Грција, посочувајќи дека треба во духот на добрососедските односи да се работи на надминување на отворените прашања.

„Денес, во 21-от век изгледа сосема апсурдно да бидете именувани како „поранешна држава“ или како „поранешна колонија“. Во името на достоинството на мојот народ, ја користам оваа прилика јавно да им се заблагодарам на сите 134 држави-членки на Обединетите нации што го признаваат уставното име на мојата земја, а тоа е Република Македонија. Имам барање до сите вас: обраќајте ни се на нас од аспект на иднината", порача претседателот Иванов.

Претседателот вели дека почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд ќе значи почитување на меѓународното право и владеењето на правото во пракса. Тој вели дека на Генералниот секретар Бан Ки-Мун му ги изразил очекувањата да го вложи својот авторитет и да се посвети на одблокирање на разговорите што се одвиваат под негово покровителство, и што се однесуваат на разликите за името.

„Верувам во овој процес. Верувам дека овој процес може да доведе до решение. Но не можеме да чекаме уште 19 години за тоа да се оствари“, порача претседателот Иванов пред Генералното собрание на Обединетите нации.