Бан Ки-мун лично ќе се заложи за решавање на прашањето за името

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун најави дека лично ќе се заложи кај грчките власти за забрзување на процесот за решавање на прашањето за името. Првиот човек на Светската организација по денешната средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во Охрид, изјави дека ќе се ангажира и за почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
„Веднаш по посетата, ќе го испратам својот специјален претставник Метју Нимиц во Грција за да објасни што разговаравме овде. Јас лично ќе се обидам да го исконтактирам премиерот Самарас за да помогнам во забрзувањето на тој процес“. Жално е што две соседни земји не успеаја целосно да ги искористат своите потенцијали за регионална соработка, помирување и развој. ОН ќе сторат се што е во нивна моќ да го олеснат тој процес.
Претседателот Иванов потврди дека на средбата биле отворени прашањата за имплементацијата на Времената спогодба со Грција и пресудата од Хаг, како и за очекуваниот ангажман на ОН за нивно почитување.