Се фалат дека си ја сработиле работата

Прес-конференција на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Преку огласи и рекламни спотови градоначалниците ќе даваат отчет за сработеното. За експертите, ова е почеток на предизборна кампања и недозволиво трошење на народните пари.
Наместо да ги решаваат проблемите во општините, градоначалниците ќе се фалат за сработеното и тоа со парите на граѓаните. На девет месеци пред одржувањето на локалните избори некои од нив решија порано да ја започнат предизборната кампања со нова практика, велат експертите.
Можеме вие или јас да речеме дека ова не е предизборна кампања, но во суштина стилот, начинот, методот наликува на изборна кампања. Значи еве нов феномен во македонската изборна пракса.
Гордана Силјановска, универзитетски професор.

За разлика од порано, градоначалниците отсега отчет за нивниот четиригодишен мандат ќе даваат и преку реклами во медиумите. Идејата први ја пласираа градските власти кои објавија оглас за изработување на спотови за градоначалникот Коце Трајановски. Тие се правдаат дека целта е само да се информираат граѓаните.

Професор Гордана Силјановска вели дека се додека не истече нивниот мандат, градоначалниците можат да се докажуваат само преку активности и дела, а не преку телевизии, радија или весници.

„Можеме вие или јас да речеме дека ова не е предизборна кампања, но во суштина стилот, начинот, методот наликува на изборна кампања. Значи еве нов феномен во македонската изборна пракса.“
Значи за работата што ја сработил или не ја сработил, градоначалникот земал плата, значи пари од граѓаните, од даночните обврзници. Тука мислам дека рекламирањето од буџетските пари на општините е рамно на криминал.
Ариф Муса, поранешен антикорупционер.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека рекламирањето на градоначалниците за она што го сработиле и за што го добиле мандатот не само што не е потребно, туку и не е дозволено, бидејќи за тоа ќе ги користат парите на граѓаните.

„Нека излезат тие на избори, нека најдат пари како сакаат и нека се рекламираат, но не да се рекламираат со парите на граѓаните. Значи за работата што ја сработил или не ја сработил, градоначалникот земал плата, значи пари од граѓаните, од даночните обврзници. Тука мислам дека рекламирањето од буџетските пари на општините е рамно на криминал.“

И Силјановска вели дека е забрането финансирање на кампања од државни средства и тие се утврдени според законот и Советот за радиодифузија треба да реагира.

„Одговорно тврдам дека треба да се препрочитаат одредбите за почетокот на изборната кампања, оти ако има, а има елементи на изборна кампања, доколку е тоа преку медиумите, мислам дека можат да се соочат со санкции од Советот за радиодифузија.“

Од СДСМ ги повикаа на разумност нивните политички конкуренти од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не можат да ги трошат парите на граѓаните за такви цели и не можат да ја започнуваат кампањата пред законскиот рок.