Груевски: Грција не може да биде исклучок

Средба на Никола Груевски со првиот човек на НАТО Андерс фог Расмунсен

Македонија е подготвена за членство во НАТО уште од 2008 година, но е блокирана од Грција поради спорот за името. Грција не може да биде исклучок туку мора да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата, бидејќи во спротивно тоа би било девалвирање на НАТО, изјави денеска во Битола премиерот Никола Груевски зборувајки за неговиот неодамнешен престој во седиштето на НАТО во Брисел.
„Имаше и такви поединци кои што кажаа дека тоа е правно прашање, но кога правото е спротивставено со политиката ние не можеме да носиме политички одлуки. Со други зборови ако на национално ниво Уставниот суд укине некој закон ние не можеме да речеме дека е полтичка одлука и да продолжиме да работиме по истиот закон. Исто е и на меѓународно ниво односно ако Меѓународен суд донесе одредена одлука не може потоа да биде политичка волја дали тоа ќе се спроведе или не“, изјави Груевски.