Жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите во Египет

Судири меѓу полицијата и демонстрантите на плоштадот Тахрир во Каиро.

Тројца луѓе загинале во судирите меѓу полицијата и демонстрантите на плоштадот Тахрир во Каиро на вториот ден протести, откако вчера загинаа двајца демонстранти. Повеќе од 700 луѓе се повредени.

Египетските сили за безбедност денеска упаднаа на плоштадот во центарот на Каиро, каде што демонстрантите поставија камп. Стотиците војници и полицајци користеле солзавец, гумени куршуми и пендреци да ги растераат неколкуте илјади демонстранти. Полицијата ги урнала шаторите и ги запалила транспарентите што ги носеа демонстрантите. Откако се прегрупирале, демонстрантите се вратиле на плоштадот и се судриле со полицијата.

Повторното појавување на протестите во Египет се должи на зголемувањето на гневот на јавноста поради бавните реформи и загриженоста дека привремената воена власт ќе се обиде да си ја задржи моќта додека економијата стагнира, а политичарите се караат за контурите на новиот нацрт-устав.

Плоштадот Тахрир беше централно место на протестите што доведоа до соборување на поранешниот претседател Хосни Мубарак. Демонстрации имаше и во градовите Александрија и Суец. Владата денеска треба да расправа за овие настани.

Насилствата доаѓаат само 9 дена пред одржувањето парламентарни избори. Првите избори од соборувањето на Мубарак, се закажани за 28 ноември.