67 години од ослободувањето на Скопје

Ослободување на Скопје на 13 ноември 1944 година. Партизаните на чело со Методија Андонов Ченто, Димитар Влахов и Михајло Апостолски пречекани од народот во ослободено Скопје.

Денеска се одбележува денот на ослободувањето на Град Скопје - 13 ноември денеска ќе биде одбележан со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации. По тој повод во киното „Фросина“ во МКЦ ќе бидат врачени наградите на годинашните добитници на наградата - 13 Ноември.

Од областа на науката годинава наградата 13 Ноември му припадна на д-р Никита Шекутковски, проф. д-р Љубинка Басотова е добитник на наградата во категоријата образование и воспитување, Бојку Фејзи и Димитар Масевски во областа на уметноста, Борис Поп Ѓорчев во публицистиката, Бошко Заборски во категоријата спорт, Александар Јаневски - за хуманитарна активност и Мичо Поповски во стопанството. Кај правните лица, наградата ја доби Здружението „Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-Свест“, а пак Иван Антоновски, Таско Смилески и Александар Степановски се годинашните ученици и студенти, добитници на 13. Ноемвриската награда.

Воедно делегации од Собранието, Владата, од Град Скопје и други официјални државни, партиски и странски дипломатски делегации ќе положат цвеќе пред споменикот на ослободителите на Град Скопје на Партизанските гробишта во „Бутел“, пред споменикот на генерал Михајло Апостолски во „Бутел“, како и пред Споменикот на ослободителите на Град Скопје, на платото пред Владата на Република Македонија.

На 13 ноември пред 67 години, борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.