Да бидете обединети и да не се делите, порача Ердоган во Тетово

Премиерот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган денеска во рамки на посетата на Тетово, учествуваше во петочната молитва во Шарената џамија, по што им се обрати на присутните.
Потенцирајќи оти вторпат е во Тетово, по неговата посета пред 11 години, Ердоган информира дека по посетата на овој град ја формирале Партијата на правдата и прогресот.
- Во 2002 година ја освоивме власта и ви порачувам дека во 2023 година кога ќе се одбележат 100 години од формирањето на Република Турција ние ќе бидеме во првите десет најразвиени економии во светот. Ние вас никогаш не можеме да ве заборавиме бидејќи меѓу вас има внуци на Османлиите. Ние имаме наши браќа и во Босна, и во Приштина и Призрен и во Скопје, Битола, Охрид, Дебар, Тетово, рече турскиот премиер.
Тој истакна дека вчерашните разговори со државниот врв на Македонија, со премиерот Никола Груевски, со претстедателот Ѓорге Иванов и другите поминале во пријателска атмосфера и дијалог.
- Ве замолувам и натаму да бидете обединети и силни и да не се делите бидејќи ние делиме заеднички цивилизациски вредности, истакна Ердоган.