Историско полуфинале за Македонија

Со тројка на Влатко Илиевски на 11 секунди до крајот, Македонија го победи домаќинот и обезбеди историски пласман во полуфиналето на ЕП во Литванија.
Со тројка на Влатко Илиевски на 11 секунди пред крајот, во драматична завршница, македонските кошаркари го победија домаќинот Литванија во четвртфиналето на ЕП и остануваат во борба за медал. Македонија не дозволи реприза на натпреварот со Русија и се одбрани во последните 5,5 секунди. На половина секунда пред крајот, немоќните домаќини фаулираа. Влатко Илиевски шутираше слободни и го постави конечниот резултат 67 - 65.

Литванија останува да се бори за пласман од петто до осмо место.

Во полуфиналето, што се игра задутре, во петок на 16 септември во 20 часот, Македонија се среќава со Шпанија која во четвртфиналниот дуел денеска беше подобра од Словенија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Славје за пласманот во полуфинале



Литванија беше во водство во целото прво полувреме. Во првото полувреме македонските кошаркари очајно шутираа за тројка, но во третата четвртина со две едноподруго тројки на Војдан Стојановски, Македонија за прв пат по почетните 2:2 го израмни резултатот, за во 25 минута накратко да го преземе водството.

Војдан Стојановски даде 5 тројки и го заврши натпреварот со 15 поени. И покрај тоа што не одеше шутот за три, натпреварот беше решен токму со тројка.

Најефикасен во македонскиот тиум повторно беше Бо Мекејлеб со 23 поени. Перо Антиќ заврши до 8 поени и 9 скокови, а Предраг Самарџиски со 7 поени и 10 скока.

Останатите две четвртфинални двојки се играат утре: Франција - Грција во 17ч. и Русија - Србија во 20ч. Утре почнува и разигрувањето за пласман од петтото до осмото место со дуелот на поразените од денешните четвртфинални натпревари Словенија - Литванија во 14:30ч.