ВМРО-ДПМНЕ ја промовираше изборната програма

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја промовираше Изборната програма за периодот 2011-2015 насловена „Манифест за реформи и развој“. Лидерот на партијата и актуелен премиер Никола Груевски рече дека оваа Програма содржи над 1.200 нови проекти. „За Македонија секогаш може и мора подобро“ изјави тој, додавајќи дека Манифестот претставува усовршена програма базирана на позитивните и негативните искуства што произлегле од Програмата на партијата за периодот 2006 – 2011 година „Преродба во 100 чекори“. „Од преродбата завршени се или се во завршна фаза 1.185 проекти“ рече Груевски пред членовите на партијата и коалициските партнери. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со намалување на даноците и придонесите. Посочи дека ќе биде укинат данокот на сите мали и средни претпријатија во однос на трговци кои заработуваат до три милиони денари и ДДВ-то во туристичката дејност ќе биде намалено од 18 на 5 отсто. Во поглед на евроинтеграциските процеси на земјата Груевски рече дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е членство на земјата во ЕУ и НАТО што подразбира продолжување на реформите и многу работа.