ДУИ бара Претседателот да го повлече предлогот за гувернер

Вицепремиерот и генерален секретар на ДУИ Абдилаќим Адеми денеска соопшти дека неговата партија бара од претседателот Ѓорге Иванов да го повлече предлогот Димитар Богов да биде идниот гувернер на Народната банка на Република Македонија. „Бараме да се повлече предлогот Димитар Богов да биде следниот гувернер, затоа што одлуката е донесена без никаква консултација. Доколку овој предлог не се повлече, ДУИ ќе гласа против“ изјави Адеми. Богов е предложен да го наследи досегашниот гувернер на централната банка Петар Гошев, чиј мандат истекува во мај.