Силите на Гадафи ја контролираат границата со Тунис

Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци денеска соопшти дека тешко вооружени сили лојални на режимот на Муамер Гадафи ја контролираат либијската страна на границата со Тунис. Тоа, според Комесаријатот, е можната причина за намалувањето на бројот на бегалците кои ја минуваат границата. Вчера тоа го сториле околу 2 илјади луѓе, што е многу помалку од бројот во претходните два дена кога биле забележани до 15 илјади бегалци дневно. Во меѓувреме се јавува дека силите на Гадафи поставиле контролни пунктови околу Триполи пред планираните денешни антивладини протести. Има и извештаи за уште еден воздушен напад врз главната нафтена инсталација во Брега.