Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договорн Абдилаќим Адеми. Главна тема на средбата беше координација во правец на одбележувањето на 10-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. На средбата, претседателот Иванов и вицепремиерот Адеми размениле мислења и за меѓуетничките односи во Република Македонија, поврзани со последните настани, при што заеднички став на соговорниците е дека институциите мора да ги искористат сите демократски механизми за зачувување на добрите меѓуетнички и меѓурелигиски односи, како еден од главните приоритети на Република Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО. Иванов и Адеми изразувајќи загриженост поради тоа што меѓу учесниците на немилиот настан имало и малолетни лица, упатуваат апел до сите политички актери и до јавноста да не се злоупотребуваат вакви настани за дневно - политички цели, се истакнува во соопштението.