Инциденти околу А1 телевизија

Изутрината околу А1 било мирно. Од телевизијата велат дека им е запечатен серверот и компјутерскиот центар.
Министерството за внатрешни работи за инцидентот со А1 телевизија соопшти дека станува збор за полициска асистенција побарана од инспекторите на Управата за јавни приходи, кои вршеле увид во финансиското работење на шест од вкупно 40 фирми регистрирани на истата адреса. А1 тврди дека станува збор за политички притисок и дека на инспекторите им биле овозможени услови да извршат контрола и не била потребна полициска асистенција.
Опозицијата во земјата обвини дека настаните во А1 телевизија значат суспендирање на демократијата и „вовед во тоталитарен режим“. Владеачката ВМРО ДПМНЕ ја обвини опозициската СДСМ дека сака да испровоцира немири.

Пред телевизијата изутрината било мирно, а од А1 тврдат дека им бил блокиран серверот и компјутерскиот центар. Телевизијата тврди дека ноќеска полицијата тепала нивни новинари. Ситуацијата синоќа ескалираше со ангажирање на специјалните полициски сили а пред полноќ новинарите тврдеа дека во А1 дошла и трудовата инспекција. Народ се насобра и на плоштадот „Пела“ во центарот на Скопје во знак на поддршка на новинарите од оваа куќа. Полициски кордон го блокира патот и пристапот кон зградата на медиумот. Според проценките на новинарите на А1, неколку стотици лица се појавиле пред телевизијата во знак на поддршка. Од други медиуми, пак се објавија дека обезбедувањето на СДСМ било забележано во толпата.

Во отворената програма на телевизијата А1 гостуваа повеќе преставници на опозиционите партии и на невладиниот сектор.
За опозицијата тоа што полицијата го спречи движењето на новинарите е удар врз демократијата.
Пратеникот Илија Димовски од владејачката ВМРО – ДПМНЕ во изјава за медиумите само потврди дека целта на властите било вршење на финансиска контрола во шест фирми кои се на иста адреса со приватната телевизија.