Вокер: невозможно Македонија да влезе во НАТО како ФИРОМ

Поранешниот американски амбасадор во НАТО Курт Вокер проценува дека доколку сега не се постигне решение за спорот со името, во иднина за напредок во спорот ќе бидат потребни години. ,,Подготвени сме Македонија да стане членка на НАТО. Но, за да се стори тоа, мора да се реши спорот со името. Тоа, навистина, зависи од Македонија и Грција, да дојдат до некаков договор. Мислам дека самитот на НАТО и самитот меѓу САД и ЕУ се извонредна можност,, вели Вокер во интервју за Гласот на Америка. Според него, сега е невозможно Македонија да влезе во Алијансата под привремената референца. ,,Знам дека тоа беше договорот од 1995-та, и дека врз таа основа Македонија се приклучи на други организации, но фактите сега се променија. Грција јасно стави до знаење дека нема да го поддржи македонското членство под името ФИРОМ,, вели Вокер, додавајќи дека е важно луѓето во Македонија да имаат иднина што ќе ги доведе во главниот европски тек: ЕУ и НАТО.