Дневен печат

Сите медиуми во изминатава недела информираа за повторениот ужас во Скопје, по оној во Охрид - за бруталното убиство во населбата Аеродром.
За криминалците веќе не постојат граници, јавноста бара одговори како телохранител на државниот врв седел на иста маса со мафијаши, пишува ,,Утрински,,. ,,Време,, пак, ја пренесува скандалозната информација на А1 ТВ дека можеби тн. Франкфуртска мафија на млади велешани кои тргуваат со дрога со европски наркомафијашки групи, е поврзана со некои припадници во македонското МВР.

Кога сме кај полициско-судските работи, ,,Дневник,, јавува дека познатиот фармер од Битола, Душко Илиевски, повторно е седнат на обвинителната клупа, додека во меѓувреме чека да заврши истрагата за случајот со марихуаната на неговата нива, за што му беше поднесена кривична пријава и отседе 30- дневен притвор. Имено, Илиевски се товари дека го навредил премиерот Груевски што лани во март за време на протестниот марш на млекарите од ,,Сведмилк,, лепел плакати низ Битола со фотографија на премиерот со натпис: ,,Кражба во 100 чекори,,.

Инаку сите медиуми, во зависност од политичката настроеност, информираат и коментираат за едноиполчасовното обраќање на премиерот на четиригодишнината од неговото владеење. ,,Нова Македонија,, во наслов пишува: ,,Дојдовме, видовме, остваривме,, а по текстот со осврт на премиеровиот говор, под наслов ,,Што заборави да каже премиерот,, ги наведува ветените големи економски проекти од кои нема ниту трага. ,,Дневник,, информира за ,,Соло отчет на Груевски,, алудирајќи на неприсуството на целата влада зад него, инаку вообичаен манир на Груевски, особено на претставници на неговиот главен коалициски партнер, ДУИ. ,,Рецесијата му ја загорчила ,,преродбата,, со иронија пишува ,,Утрински,, додавајќи дека во маратонскиот отчет премиерот ги набројал и најситните проекти, но ги запоставил суштинските прашања.



,,Вечер,,пак објавува 15 причини ,,Зошто е виновен Бранко,, и како ја испуштил шансата кога тој бил премиер во 90-те години на минатиот век Македонија да ја внесе во ЕУ! Само ,,Утрински,, и некои критични спрема Владата телевизии ја објавија веста дека актуелниот министер за економија од ДУИ, Фатмир Бесими, не ја криел разочараноста поради тоа што неговата Влада наместо на инфраструктура ги троши парите од буџетот на изградба на споменици. Ова, всушност, е пораката од изјавата што за ,,Фајненшел тајмс,, ја дал министерот Бесими во контекст на анализата на весникот за проектот ,,Скопје 2014,,.