Плушенко остана без дозвола за натпреварување

Поранешниот светски шампион во уметничко лизгање, Русинот Евгениј Плушенко ја загуби дозволата за натпреварување, и ако состојбата не се промени, тој нема да настапува на Зимската олимпијада во Сочи во 2014 година. Во јуни, Меѓународната лизгачка федерација му ја одзеде дозволата за натпреварување на Плушенко, затоа што учествувал во лизгачки егзибиции без дозвола на руските лизгачки власти. Тој имаше рок од 21 ден да поднесе жалба на одлуката, но не се жалеше. Рокот истече вчера.
Плушенко освои злато на Олимпијадата во Торино во 2006 година, сребро на годинешнава Олимпијада во Ванкувер, и е трикратен светски шампион во уметничко лизгање.