Истрага во Холандија за масакрот во Сребреница

Обвинителството во холандскиот град Арнем почна истрага за улогата на холандскиот баталјон во составот на меѓународните сили на Обединетите нации во масакрот во Сребреница во 1995 година.
Истрагата се води против поранешниот командант на баталјонот Том Кареманс, неговиот заменик Роб Франкен и офицерот Беренд Остервен. Процедурата се спроведува на барање на Хасан Нухановиќ, кој работел како преведувач за Холанѓаните и во Сребреница ги загубил родителите и помалиот брат и на вдовицата и децата на елекротехничарот Риза Мустафиќ, кој се смета за исчезнат.
Барањето е поднесено до Судот во Арнем, кој ги разгледува делата против воени лица и во него се тврди дека холандските војници, кои биле задолжени за безбедноста на енклавата Сребреница, ги предале муслиманските бегалци на силите на босанските Срби, со што нарушиле неколку национални закони и меѓународни спогодби.