Руни: Мораме да го победиме Алжир

Вејн Руни во акција

Според еден од најдобрите играчи на англиската репрезентација Вејн Руни, најбитно е да се победи Алжир, а помалку важно е дали тој ќе биде стрелец.
Напаѓачот на фудбалската репрезентација на Англија Вејн Руни не дал гол за националниот тим од септември минатата година, но призна дека би бил среќен така да остане, под услов екипата да го совлада Алжир во второто коло од групата Ц на Светското првенство.

„Мора да играме многу подобро отколку против Американците. Сепак, најважно е да го победиме Алжир, па потоа сите нека расправаат дали сме играле убаво“, им изјави Руни на новинарите во Кејптаун.

Тој истакна дека во Јужна Африка сака да го поправи лошиот впечаток што го остави на Мундијалот од 2006 година, кога беше исклучен во четвртфиналето против Португалија.

Англија во првото коло играше нерешено против САД 1:1, додека Алжир беше поразен од Словенија со 1:0.