Хаг - Потврдена казната за Тарчуловски и ослободувањето на Бошковски

Жалбениот судски совет на Хашкиот трибунал денеска ја потврди 12-годишната затворска казна на Јохан Тарчуловски и ослободителната пресуда за поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски за случајот „Љуботен“.
Советот решаваше по жалбите на одбраната за случајот Тарчуловски и на Обвинителството за случајот Бошковски.
Пресудите по жалбите се конечни. Одбраната на Тарчуловски на последната јавна седница во Хашкиот трибунал побара тој да биде ослободен од сите обвиненија, бидејќи не е одговорен за полициската акција во Љуботен во 2001, зашто таа била легитимна и според меѓународното право не може да се смета за воено злосторство. Обвинителството, пак, остана на тврдењето дека акцијата во Љуботен била нелегитимна и преземена како одмазда за претходното убиството на десет припадници на безбедносите сили. Судскиот совет на 12 јули 2008 го ослободи Бошкоски од обвиненијата за извршените злосторства во скопското село Љуботен, а Тарчуловски го осуди на казна затвор од 12 години.