Македонско претседателство во Советот на Европа

Македонија денеска го презема претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа кое по ротирачки редослед земјава го наследува од Швајцарија, а по шест месеци ќе и го предаде на Турција. Официјалното преземање на претседавањето ќе се случи на 120-та сесија на Комитетот на министри на СЕ, во седиштето на оваа меѓународна организација во Стразбур. Официјалното лого под кое Македонија ќе претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа е стилизирано македонско знаме со логото на Советот на Европа, проследено со текстот на англиски јазик „Македонско претседателство 2010“, придружено од десната страна со официјалното лого на Комитетот на министри на СЕ. Македонија како и сите претседавачи со Комитетот на министри на СЕ е обврзана да обезбедува континуитет на активностите на оваа најстара политичка организација во Европа што поставува стандарди во областа на заштитата на човековите права, во владеењето на правото и демократијата.