Грција ја оцени како провокација вчерашната изјава на Милошоски

Атина се сомнева дека Скопје ќе го искористи претстојното претседавање со Комитет во Советот на Европа за да ги промовира своите позиции во однос на спорот за името, изјави портпаролот на грчкото МНР Григори Делавекурас.
Реакцијата на официјална Атина следува по вчерашната објава на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски дека Македонија од мај ќе претседава со најстарата паневропска организација под името „Македонско претседателство 2010“.
Делавекурас, како што пренесува агенцијата АНА-МПА, оцени дека намерата на Македонија да претседава со Комитетот на министрите на СЕ под името „Македонско претседателство 2010“ е „провокација и нарушување на резолуциите на Советот во кои земјата привремено се нарекува Поранешна Југословенска Република Македонија“. Ваквите чекори го отежнуваат преговарачкиот процес во рамките на ОН и ги отфрлаат напорите на Грција за создавање позитивна клима меѓу двете земји за решавање на спорот за името, изјави портпаролот на грчкото МНР.