Прием на Балканот во НАТО и ЕУ е решение за проблемите, изјави Иванов

Безбедноста на Европа е незамислива без стабилна Југоисточна Европа, нагласи македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во обраќањето на конференцијата во Минхен. Според него, сложеноста на состојбите во Босна и Херцеговина и на Косово, како и неединството на меѓународната заедница, носат ризици кои не смеат да се потценат, а решението е во брзиот прием на целиот регион во евро-атланските структури. Во врска со спорот со Грција за името, Иванов рече дека Македонија е активна и дава иницијативи да се дојде до решение, но оти не прифаќа уривање на индивидуалните човекови права со присила и уцена, како и кршење на принципите на меѓународното право.