План за помирување во Авганистан

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи изрази надеж дека по пет години обука авганистанските сили ќе бидат во можност да ја преземат одговорност за безбедноста во земјата. Тој ова го рече пред денешната меѓународна конференција во Лондон на која високи претставници од околу 60 земји ќе разговараат за стратегиите за завршување на скоро деветгодишниот конфликт во Авганистан. Британскиот премиер Гордон Браун вчера и се приклучи на германската канцеларка Ангела Меркел во поддршката на планот од неколку стотици милиони долари со кој на умерените талибанци ќе им бидат понудени работни места со цел да се откажат од насилството. Талибанците го отфрлија планот за помирување како трик и повторно побараа целосно напуштање на странските сили од Авганистан. Во меѓувреме американскиот пратеник за Авганистан и Пакистан Ричард Холбрук ја отфрли можноста за какви било преговори со талибанците и побара од нив да ги прекинат контактите со Ал Каеда.