Во Македонија ќе пристигнат 80 илјади вакцини против новиот грип

Пратка од 80 илјади вакцини против грипот од типот А (Х1Н1), произведени од Глаксо Смит Клајн, од Холандија денеска ќе пристигнат во Македонија, соопшти синоќа Амбасадата на Холандија во Скопје. Како што се наведува во соопштението, вакцините се дел од количествата што Владата на Холандија ги нарачала за сопствените потреби, а на Македонија и се отстапуваат по направената повторна проценка за холандските реално потребни количини. Според договорот што го постигнаа амбасадите на Холандија во Скопје и на Македонија во Хаг, вакцините ќе бидат добиени по цената по која холандската Влада ги има набавено на почетокот на ширењето на грипот.