Србија не го менува ставот за уставното име на Македонија

Република Србија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име и тој став нема да се промени, се наведува во заедничкото коминике на претседателите на двете земји Борис Тадиќ и Ѓорге Иванов, издадено по нивната вечерашна средба во Белград. Двајцата претседатели разговараа за унапредување на билатералните односи и состојбите во регионот. Тие ја потврдија меѓусебната поддршка за ЕУ интеграциите и во таа смисла ја поддржаа иницијативата на Грција, сите земји од Западен Балкан да станат членки на ЕУ до 2014 година, стои во коминикето.Констатирано е негогласувањето околу статусот на Косово, но и заедничките интереси за стабилизација на регионот. Македонскиот претседател, кој присуствуваше на погребот на патријархот Павле, претходно изрази незадоволство од изјавата на министерот за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ дека Белград го поддржува грчкиот став во спорот за името на Република Македонија. Поради тоа Иванов го откажа учеството на приемот што за високите политички гости во Белград го организира Јеремиќ.