Американски грант за Даут-пашин амам

Американската амбасада доделува грант од 54.000 долари за реставрација, санација и конзервација на Даут-пашиниот амам во Скопје. Договорот за грантот денеска го потпишаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на САД во Македонија Филип Рикер.
„Преку заедничкото работење за реновирање на овој објект, го зачувуваме сеќавањето на културното изразување од минатото, како и местото за прикажување на уметничкиот израз на генерациите што доаѓаат”, рече Рикер.
Тој посочи дека откако почна Амбасадорскиот фонд за културна заштита во 2001 година, Американската амбасада дала поддршка за конзерваторски и реставраторски интервенции на повеќе локалитети и културно-историски објекти во Македонија во вредност од повеќе од 150.000 долари.