Убиен авганистански новинар

Вооружени напаѓачи убија авганистански телевизиски новинар и тешко ранија негов колега, во северозападен Пакистан.
Новинарот Џанулах Хашим Зада е убиен додека се возел со јавен минибус. Возачот на минибусот вели дека напаѓачите, кои биле со автомобил, го принудиле да застане и потоа пукале во возилото. Не се знае мотивот за нападот, а ни една организација не ја презеде одговорноста.
Според организацијата Новинари без граници, годинава во Пакистан биле убиени најмногу новинари.
Локалните новинари во Пакистан се соочуваат со закани и од Талибанците и од безбедносните сили.