Вашингтон не понудил замена за новинарките

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама соопшти дека не понудила никакви иницијативи за надминување на ќорсокакот во севернокорејското нуклеарно прашање во замена за помилувањето на двете американски новинарки. Сепак, извори во Вашингтон велат дека поранешниот претседател Бил Клинтон кој успеа да ги ослободи, му пренел на севернокорејското раководство какви позитивни работи би можело да произлезат од таквиот потег. Вчера Бил Клинтон неочекувано допатува во Пјонгјанг за да побара ослободување на новинарките Еуна Ли и Лора Линг кои беа уапсени во март годинава и беа осудени на 12 години принудна работа. Тие заедно со Клинтон од Северна Кореа заминаа за Јапонија.