Нов почеток на американско - руските односи

Средба Обама - Лавров во Вашингтон

Американско – руските односи во времето кога беа претседатели Џорџ Буш и Владимир Путин, беа во надолна линија, и покрај тоа што Буш постојано тврдеше дека има пријателски релации со Путин. Новата американска администрација на претседателот Барак Обама најави дека е време за обновување на односите со Москва. Таквата интенција беше искажана и за време на вчерашните средби на рускиот шеф на диломатијата Сергеј Лавров со неговата американска колешка Хилари Клинтон и со претседателот Барак Обама.

По средбата во Вашингтон, Лавров и Обама зборуваа, не за пријателство, туку за меѓусебен респрект и сериозна работа во областите од заеднички интерес.

“Мислам дека имаме одлична можност за обновување на односите меѓу Соединетите Држави и Русија во врска со голем број прашања, од нуклеарното оружје, ситуацијата во Авганистан и Пакистан, Иран, Блискиот Исток, па се до трговските врски меѓу двете земји”.

Лавров, од своја страна, додаде дека американски и руски дипломати веќе го подготвуваат самитот меѓу Обама и Медведев, кој треба да се случи ова лето, оценувајки дека се создава позитивна атмосфера.


“Мислам дека работиме многу прагматично, врз основа на обостраните интереси, како и врз основа на меѓусебен респект за прашањата за кои имаме разлики”.


Москва и Вашингтон се согласуваат за потребата од намалување на нуклеарното оружје, за заштита на преостанатото, како и за напорите да се убедат Иран и Северна Кореја да се откажат од нуклеарните амбиции. Клучните разлики се во врска со Грузија и проширувањето на НАТО. Хилари Клинтон, по разговорите со Лавров, оцени дека разликите меѓу двете земји нема да ги намалат наорите за постигнување нов договор за нуклеарното оружје.


“Министерот за надворешни работи и јас разговаравме како, и со наше лично ангажирање, да ја подобриме безбедноста на нуклеарните постројки и да го спречиме ширењето на нуклеарни материјали низ светот”.